Најпопуларниот турски клуб Фенербахче го привлече словенечкиот репрезентативец Миха Зајц, кој досега играше за италијанскиот Емполи. Официјалната страна на турскиот клуб објави дека личниот договор на играчот е за период од 4 години.
Според некои медиуми, износот на трансферот изнесува 6,5 милиони евра, што ќе влезат во касата на Емполи. Извори блиски до Фенербахче сепак тврдат дека станува збор за 4,5 милиони евра и 25-годишниот Салих Уџан кој оди во Калчо лигата, како дел од договорот. Уџан до сега беше позајмен во Емполи, а сега неговите права се пренесуваат целосно на Италијанскиот клуб.
24-годишниот Зајц има 20 натпревари и 5 гола за овој тим од Серија А во текот на оваа сезона, а вкупно одиграл 66 натпревари и 12 гола за две години. Долго време Фенербахче беше во зоната за испаѓање во турската Супер лига, но по четири последователни нерешени средби и драматичната победа со 3:2 над Малатијаспор, тимот се извлече од опасната зона и во моментов е на 14-та позиција, на два бода од местата кои водат во втора лига.