Милан денес ќе ја објави разделбата со тренерот Џенаро Гатузо. Одлуката доаѓа по состанокот помеѓу извршниот директор Иван Газидис и Гатузо, кој се одржа доцна синоќа.
Се тврди дека двајца се согласиле дека договорот на тренерот треба да биде прекинат со заедничка согласност. Гатузо ќе се откаже од 90 % од парите што требаше да ги добие за договорот со клубот, што е со важност уште две години.
Милан ги разочара своите навивачи со завршувањето на сезоната на 5-то место и не успеа да се квалификува за Лигата на шампионите. Гатузо го презеде тимот од Винченцо Монтела во ноември 2017 година. Под негово водство „росонерите” постигнаа 40 победи, 22 нерешени и 20 порази.
Во последните денови се појавиле многу информации за несогласувањата со спортскиот директор Леонардо. Бразилецот го напушта „Сан Сиро“ по своја желба. Тој добил предлог од Бразилската фудбалска федерација, како и од Париз Сен Жермен. Поранешниот фудбалер имал доста несогласувања со луѓето од клубот, а особено со Газидис и со Гатузо, па разделбата е повеќе од очекувана.
Иднината на Паоло Малдини сè уште не е јасна. Нема да биде изненадување, сепак, ако и тој биде ослободен, бидејќи Газидис е решен да направи револуционерни промени во Милан.