Милан ја подготвува својата прва официјална понуда за Душан Влаховиќ. „Росоњерите“ се надеваат дека ќе го потпишат српскиот напаѓач за значително пониска цена од онаа што Јувентус ја плати пред неколку години.
Според „Ла Република“, клубот од Милано е подготвен да понуди помеѓу 18 и 20 милиони евра за 25-годишниот српски напаѓач. Ова е значително помалку од 70-те милиони евра плус 10 милиони бонуси што „Бјанконерите“ ѝ ги платија на Фиорентина за неговиот трансфер во 2022 година.
По потпишувањето на Џонатан Давид од Лил како слободен агент, позицијата на Влаховиќ во тимот на Јувентус е сериозно загрозена. Шпекулациите за неговото евентуално заминување се засилија, а Милан се појавува како најверојатна дестинација за овој напаѓач.
И покрај тоа што постигна 43 гола на 104 настапи во Серија А за Јувентус, Влаховиќ не успеа да ги оправда очекувањата што го опкружуваа уште од времето кога беше во Фиренца.
„Ла Република“ исто така тврди дека Милан можеби намерно ја одложува својата официјална понуда со надеж дека цената на играчот дополнително ќе се намали кон крајот на преодниот рок. Јувентус, сепак, сака да избегне такво сценарио, а генералниот директор на клубот, Дамиен Комоли, закажал состанок со агентот на Влаховиќ, Дарко Ристиќ, за да разговараат за неговата иднина и да бараат решение што ќе ги задоволи сите страни.

