Суперѕвездата Златан Ибрахимовиќ може сензационално да се врати во италијанската Серија „А”, информираше италијанскиот весник „Кориере дела сера”.
Според изданието токму Ибрахимовиќ е посакуваното ново засилување во зимскиот трансфер период, со кое тренерот Џенаро Гатузо сака да го засили нападот на својата екипа.
Тренерот на „росонерите” има потреба од засилување во нападот, а сака играчот да има доволно искуство и во европските клубски натпреварувања, за да му помогне на тимот да се избори за место во зона на Лигата на шампионите и да стигне што е можно подалеку во Лига Европа.
Ибрахимовиќ, природно, ги исполнува сите критериуми на миланскиот гигант, иако е на 37-годишна возраст и има договор со Лос Анџелес Галакси до декември 2019-та. Идејата на Гатузо, според „Кориере дела сера”, е тој да биде привлечен за шест месеци во јануари, за да му помогне на тимот токму во клучните моменти од сезоната. Плејофот на МЛС лигата ќе заврши на 8 декември, а сезоната започнува во март наредната година.