Според „Газета дело Спорт“ и „Кориере дела Сера“ во Милан биле толку импресионирани од настапот на напаѓачот Анте Ребиќ што сега се подготвени да го привлечат со постојан договор.
Минатото лето, Хрватот пристигна кај „росонерите“ на позајмица од две години од Ајнтрахт (Франкфурт), при што во спротивна насока замина Андре Силва. Првично, Ребиќ имаше потешкотии и не беше во почетните единаесет на Милан, но успеа да се избори за место во стартниот состав и да постигне 9 гола на 21 натпревар. Се проценува дека понуда од 25-30 милиони евра би била доволна за да го задржа хрватскиот напаѓач.
Единствениот проблем би можел да биде платата од 3 милиони евра што ја добива Ребиќ, со оглед на фактот дека плафонот за плати во Милан е 2,5 милиони евра. Сепак, „росонерите“ можат да направат исклучок, како во случајот на голманот Џанлуиџи Донарума, кој добива повисока плата од утврдената граница.