Селекторот на машката одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски во позитивна атмосфера и оптимистички расположен ги пречека своите избраници попладнево во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица. Најтрофејниот одбојкарски стратег на третото враќање на кормилото на сениорите го прифаќа предизвикот да го води тимот во Златната Европска лига, но и евро-квалификацискиот двомеч со Грција и Грузија преку кое „бркаме“ пласман на четвртото во низа Европско првенство.
„Предизвик секогаш имало и ќе има, не само кај мене, туку и кај сите играчи. Пречекот беше одличен, расположението е на високо ниво, среќни што повторно ќе работиме заедно. Не очекува тежок распоред и едно долго лето, пред се подготовките за Европската лига, која е подготовка за она главното – квалификациите за Европското првенство, но факт е дека во последните две години играме меѓу најдобрите европски репрезентации во Златната лига и тоа е еден голем предизвик“, изјави селекторот Јошко Миленкоски.

