Еден од најискусните фудбалери на Баерн (М), Томас Милер, ги критикуваше играчите на клубот по сензационалниот пораз на тимот во 1/16-финалето на германскиот куп од третолигашот Сарбрикен (1:2). Поточно, Милер беше незадоволен од тоа што по поразот повеќето играчи не им пријдоа на навивачите.
„Мораме да му честитаме на Сарбрикен за нивната борба. Едноставно не бевме паметни и пропуштивме многу шанси. Тие треба да бидат среќни, но ако Баерн загуби во Сарбрикен, тоа значи дека направивме неколку работи погрешно. Апсолутно ги разбирам критиките од навивачите. Не се работи ни за играта или за резултатот. Она што воопшто не функционира е тоа што само тројца или четворица играчи разбираат како да ја почитуваат поддршката. Тие навивачи поминале стотици километри“, изјави Милер.