Македонската фудбалска репрезентација го одработи официјалниот тренинг на „Рајн парк стадиум“, а пред него селекторот Благоја Милевски зборуваше со многубројните македонски новинари во Вадуц.
Милевски го најави првиот натпревар од новиот ликлус квалификации за СП, кој често може да биде многу значаен како ќе ги започнеме овие квалификации.
„Дојдовме тука и максимално се спремаме за натпреварот. Би било добро да почнеме со победа и да ја продолжиме серијата со позитивни резултати, но до бодови можеме само со нашето најдобро издание.
Ме радува што фудбалерите играат во своите клубови, имавме доста проблеми минатата година со неиграњето на репрезентативците во клубовите. Но, тие секогаш даваа максимум кога играа за селекцијата. Верувам дека сега ќе биде само подобро. За да победите мора сите линии да се на високо ниво, сите фудбалери се битни и нашиот фокус е да функционираме до максимум. Неколку фудбалери не можат да ни помогнат заради повреда, го имам стартниот тим во главата и верувам дека сите ќе бидат здрави и на диспозиција по последниот тренинг.
Секој тренер има своја визија и филозофија, па така и селекторот на нашиот противник, Лихтенштајн има селектор кој две години врши добра работа и не мора да значи дека стилот ќе биде ист како и досега. Имаме максимален респект и убеден сум во максимален пристап“, рече селекторот Милевски на прес-конференцијата пред медиумите.
Лихтенштајн и Македонија својот натпревар од квалификациите за СП го играат утре од 15:00 часот, а во вечерниот термин од нашата група ќе се одигра натпреварот меѓу Велс и Казахстан.

