Македонската фудбалска репрезентација утре треба да го одигра вториот натпревар од квалификациите за ЕП во 2024 година. На Арената „Тодор Проески“ во Скопје ја пречекува селекцијата на Украина.
Нашиот национален тим сака со победа и бодови да ги продолжи овие квалификации кои ги започна со домашна победа против Малта. Ова е многу важен натпревар со оглед на фактот што само три дена подоцна играме на гостински терен против Англија. Селекторот Благоја Милевски пред утрешниот натпревар зборуваше на официјалната прес-конференција.
„Македонија утре сигурно ќе го даде максимумот како што го правиме тоа на секој меч. Тоа можеме да го очекуваме. Сите оние кои ќе настапат, ќе видиме кои, ќе го сторат тоа. За натпреварувачка форма не можеме да зборуваме се знае и зошто. Она што ме радува во однос на овој изминат период, со оглед на фактот што со дел од фудбалерите работиме од 2 јуни, е фактот што го доловивме оној баланс кај тимот. Играчите и тоа како имаат крв и желба за овие два дуели, без разлика што е крајот на сезоната и формата е таква каква што е. Секако дека се согласувам со Стефан, дека Украина е извонредно квалитетна селекција. И екипно и индивидуално. Мислам дека за нив утрешниот меч ќе биде поразличен од оној кој го одиграа против Германија. Трениравме, анализиравме, мислам дека сме подготвени. Го анализиравме токму мечот против Германија, и заклучокот е дека ќе мора да да бидеме и повеќе од 100% подготвени“ – рече селекторот на Македонија, Благоја Милевски.