Првиот човек на клупата на младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 21 година, Благоја Милевски, денеска во хотелот „Александар Палас“ го одржа првиот собир со новата генерација која на 10 септември во Скопје го почнува циклусот за ЕП 2021 година. На првиот собир се појавија сите повикани фудбалери, а веќе попладнево со првиот тренинг на терените на ФФМ почнува подготовката за дуелот со Фарските Острови.
„Позитивно е што сите се тука и подготвени за работа. Почнуваме нов циклус во кој имаме група во која Шпанија е апсолутен фаворит, а сите останати репрезентации ќе се борат за тоа второ место. Имаме потенцијал и квалитет кој момците, а по последните собири и турнири кои ги игравме, мислам дека полека наликуваме на онаа репрезентација која сакам да ја имам, па сега останува да видиме на првите мечеви“, вели Милевски.