Македонската фудбалска репрезентација утре (20.45 ч.) на Националната арена во Скопје ги почнува квалификациите за ЕП 2024. На денешната официјална прес-конференција, селекторот Благоја Милевски и капитенот Стефан Ристовски ги искажаа своите очекувања од дуелот.
„Малта има нов селектор. Станува збор за квалитетна селекција против која имаме максимален респект. Се што ќе се случува утре зависи само од нас. Од првиот ден како селектор создаваме тим за овие квалификации. Полека момците се вклопуваат, особено оние кои се нови. Мора да покажеме на терен дека сме на високо ниво. Македонија е подобра во моментов од Малта. Ние елиминиравме репрезентација како Италија. Но тоа е историја и утре е нов меч како за нас така и за Малта“, вели Милевски.
Капитенот исто така не крие дека победата е императив.
„Се сложувам дека оваа е една од потешките групи во овие квалификации. Доволно сме искусни и се знаеме доста, само да сме здрави и живи да направиме нешто. Но, ќе одиме чекор по чекор. Ако отвориме добро утре, тоа ќе ни даде ветар во грб за следните мечеви. Нема што да криеме, сакам да отвориме со победа и тоа е тоа.“