Фудбалската репрезентација на Македонија е максимално фокусирана за следниот натпревар од Лигата на нации. Првиот домашен меч во новата сезона од Лигата на нациите нашиот национален тим го игра против Грузија, а селекторот Благоја Милевски на прес-конференцијата говореше за дуелот кој не очекува.
„Грузија има одлични индивидуалци, тоа го покажаа на мечот со Бугарија, но секој натпревар е приказна за себе и ќе видиме што ќе биде на дуелот кој ни следи. Претходниот меч кој го игравме со Грузија за мене нема никаква конекција и не би се навраќал со тоа. Околу тимот на противникот и како тим и индивидуално имаат квалитет, кој, ако дозволите, може да преовлада, но тоа ќе зависи од нас и мислам дека Македонија ќе се прашува во овој меч за конечниот исход. Се што е поминато за нас е историја, секој нареден меч е најважниот. Ќе се потрудиме да бидеме подобри“, изјави селекторот Милевски.
Натпреварот меѓу Македонија и Грузија се игра утре (четврток) со почеток од 20:45 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје. Македонија по овој меч ја очекува уште еден на домашен терен против селекцијата на Гибралтар, со што ќе го заврши јунскиот дел од Лигата на нации.