Фудбалската репрезентација на Македонија синоќа го доживеа највисокиот пораз во историјата на гостувањето кај Англија. Загуби со 0:7 од домашната селекција, а дополнително разочара тоа што на овој натпревар не видовме ништо од нашите репрезентативци.
По натпреварот на „Олд Трафорд“, селекторот Благоја Милевски говореше пред медиумите.
„Пред да почнам со прес-конференцијата, сакам да ѝ се извинам на целата нација, во мое лично име и во името на играчите. Јас испраќам повик до играчите, јас одлучувам кој ќе игра, така што сакам да се извинам до целата македонска нација, посебно до оние кои дојдоа. Истовремено, голема благодарност и до нив затоа што допатуваа да не бодрат на овој терен.Играчите се истите од претходно, од Италија и Португалија, јас сум истиот. Се случуваат и вакви лоши моменти, мора да преземеме сите одговорност, но јас немам карактер да се откажам веднаш. Не сакам да сме силни кога ќе дојдат убави и победнички моменти, туку во вакви тешки моменти. Мора сите да ја поправиме нашата слика и да бидеме подобри“, изјави Милевски.
Селекторот Милевски даде свое видување и за атмосферата во репрезентацијата и за тоа зошто кога губиме лесно се откажуваме и остануваат без можност за враќање во натпреварот.
„Внатре атмосферата во тимот е извонредна, две години ќе поминат од мојата работа со А-тимот. Не верувам, ниту сме имале некаков негативен момент внатре во тимот, без разлика дали тоа било за време на тренинзи, натпревари или хотел. Атмосферата е извонредна. Што се однесува до моментите кои ни се случуваат, ќе го коментирам тој меч со Украина, мислам дека тука менталниот склоп кој го носат самите играчи од клубовите, моментално, влијае на нивната самодоверба и на перформансот кога ќе се случи некој негативен момент за време на натпреварот, тука веќе паѓаме психолошки и ментално. А, за физички, да не говорам“, истакна селекторот Милевски.
Следен предизвик за нашите репрезентативци се домашниот натпевар со со Италија, па гостување кај Малта. Двата натпревари се играат во месец септември.