Утре Македонија ќе игра против Португалија, а се зголемува возбудата пред историскиот дуел меѓу нашите фанови. И фудбалерите со нетрпение го чекаат дуелот на „Драгао“, каде може да испишат историја со пласман на СП во Катар.
На прес-конференцијата македонскиот селектор ги искажа очекувањата и одговараше на новинарските прашања.
„Залудно е да се трошат зборови и за тимот и за индивидуалците на Португалија. Не би издвоил никого, бидејќи треба многу да набројувам. Респект за сите нив, но ние не сме туристи тука во Порто. Ќе дадеме максимум за да победиме. Ние сме мала држава и никој не очекуваше дека ќе се најдеме во ваква ситуација да играме финален натпревар за пласман на Светско првенство. Македонија ужива во овој момент и мојата порака до моите фудбалери е да уживаат во моментот и натпреварот со најдобрите во Европа. Сите фудбалери се спремни и се надевам така ќе остане и по денешниот тренинг. Познат ми е стартниот тим, немам дилеми. Ни следи различен натпревар од оној во Палермо, различен противник и различни индивидуални карактеристики. Првиот гол е многу важен, но секој натпревар е посебен и не мора да значи дека секогаш носи победа. Кристијано е можеби најдобар во светот години наназад, но тој не игра сам, играат уште десетмина. Португалија не е само Роналдо, ќе треба да се концентрираме на тимот, а не на поединци“, изјави селекторот Благоја Милевски.