Фудбалската репрезентација на Македонија утре ја очекува последниот натпревар од квалификациите за ЕП и тоа против силната селекција на Англија. По поразот од Италија во Рим со 5:2, сега на гости доаѓа немотивиран ривал кој сепак е од светскиот „крем“ и за нив сè освен победа во Скопје е неуспех.
На прес-конференцијата пред натпреварот, своите очекувања ги изнесе селекторот Благоја Милевски.
„Веќе направивме доста измени и во составот и во начинот на функционирање по дуелот во Манчестер. Веќе имаме нова физиономија на тимот, со доста млади играчи, со добра перспектива според она што го гледаме во последните пет натпревари. Нормално е да имаме осцилации со млад тим, ама тоа мора да се мине. Овие натпревари се одлична шанса, да ги споредите своите можности со најдобрите во Европа и светот. Свесни сме дека проблемот со темпото ни е актуелен веќе со месеци наназад. Ростерот е тој, играчите имаат доста проблеми во своите клубови, ама тука не можеме да помогнеме. Ќе мора да се надеваме дека ситуациите ќе им се променат, за да бидеме што поконкурентни барем на физички план против вакви противници. На нас е да изменаџираме што е можно подобро, секоја чест за момците бидејќи го даваат својот максимум. Тоа се случи и на мечот со Италија, направивме доста измени токму со цел да зачуваме сили.
Учиме од секој натпревар, па и од тој на „Олд Трафорд“. Потоа игравме со Италија во Скопје и имавме доста измени кои дадоа продуктивност и свежина. Имплементиравме доста млади играчи, па веќе и нашиот тим има друг лик, играчи кои се желни за докажување, а внесоа и желба за надигрување во нашиот тим. Ќе почекаме да заврши денешниот тренинг, да имаме целокупна слика, по што ќе одлучам кој ќе игра. Почнувајќи од септември имаме една цел, како федерација и тим, по овој циклус имаме Лига на нации и нов квалификациски циклус, а сега правиме подготовка. Овој натпревар може да ми помогне за да добијам слика со што располагаме за иднината“, изјави Милевски.
Натпреварот Македонија – Англија ќе се игра на новиот реновиран тревник на Арената „Тодор Проески“ утре (понеделник) во 20:45 часот.