Во пресрет на утрешниот натпревар од Лигата на нации против селекцијата на Ерменија, на денешната прес-конференција во Ереван, селекторот на нашата репрезентација, Благоја Милевски, ја потенцираше важноста на средбата.
„Кажав и претходно дека натпреварите меѓу Ерменија и Македонија ќе решаваат за првото место во групата. Сѐ уште стојам зад таа моја изјава. Имаме високо мислење за квалитетот на ерменскиот тим и се подготвуваме за утрешниот важен дуел. Атмосферата во селекцијата е на високо ниво, а јас секогаш верувам во моите играчи. Нѐ очекува квалитетен противник кој некако ни е судбина за вакви важни натпревари“, изјави Милевски.
Нашиот голман Столе Димитриевски, вели дека и минимална победа ќе ни заврши работа.
„Овој натпревар можеби е одлучувачки за првото место во групата, па ако со победа го осигуруваме првото место, тогаш нека биде и минимална победа од 0-1, но да бидеме први. Ние имаме наши репрезентативците кои играле во лигата на Ерменија меѓу кои и голманот Дамјан Шишковски со кој често разговараме за ерменските репрезентативци. Секогаш детално анализираме без разлика кој е нашиот противник. Имаме одлична соработка со одбранбените фудбалери на последните три натпревари и верувам дека и утре нема да примам гол. Сите натпревари се тешки. Така ќе биде и утревечер“, рече голманот на Валенсија.

