Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, на денешната прес-конференција пред дуелот со Финска, изјави дека овој и дуелот со Азербејџан ќе бидат добра контрола на моменталните квалитети, како и шанса да се пробаат некои нови варијанти во играта на нашата селекција.
„Натпреварите против Финска и Азербејџан претставуваат генерална проба пред квалификациите за Европското првенство, кои почнуваат во март. Ќе испробаме различни варијанти против квалитетни противници. Финска, против која ќе играме утре, е одличен тим, неслучајно е во вториот шешир во следните квалификации. Потребни ни се вакви контроли со квалитетни противници, бидејќи имаме многу силна група. Ќе извршам некои промени во тимот. Последните натпревари во Лигата на нации ни покажаа треба да се подобриме“, изјави Милевски.