Македонската фудбалска репрезентација утре ќе игра против Италија во натпревар од квалификациите за Европското првенство кое следната година ќе се одржи во Германија. Без резултатски притисок, по двата јунски порази, нашите фудбалери ќе одат на мегдан со европскиот првак.
На прес-конференцијата пред натпреварот со Италија, стандардно зборуваше селекторот Благоја Милевски.
„Кога играте со противник како Италија, не чувствуваме притисок. Секако дека имаме желба за победа, на секој натпревар против секоја репрезентација. Мотив за надигривање и докажување дека играме добар фудбал. Сите други натпревари се оставени зад нас. Италија доаѓа со нов селектор, одличен тренер кој докажа што знае во последниот клуб со титулата. Ова ќе биде добра шанса за нас да се претставиме во добро светло. Пред се мора да сме тактички дисциплинирани, да одговориме и тркачки. Момците поседуваат квалитет. Македонија и во минатото, особено оваа генерација, само кога функционира како тим воделе до успесите. Натпреварот од Палермо не се зема како референца. Ова е сосема спротивен тип на натпревар. Тие имаат доста нови играчи и селектор, па ќе биде поинаку.
Периодот во кој беа одиграни претходните натпревари беше дискутабилен за нас. Поради минутажата на играчите, но и физичката подготовка. Тоа ни беше најголемиот проблем да одржиме тркачка форма. Овој септемвриски циклус е поинаков, играчите доаѓаат по завршени подготовки и се на повисоко ниво од претходниот собир. Тоа ми дава за право да се надевам дека ќе го издржиме ритамот потребен за да бидеме на ниво 90 минути со Италија. Дебитантите се тука, подготвени да помогнат за конкуренцијата во тимот“, изјави Милевски.
Покрај другото, селекторот зборуваше и за подготвеноста на играчите кои се без клубови, но и за Аријан Адеми.
„Ситуацијата со Адеми не е решена. Се надевам ќе биде во најбрз рок, како што тој посакува. Го очекуваме да се приклучи во секој момент и се надевам дека навремено ќе се врати. Околу Трајковски и Велковски, за жал Дарко има болки во ногата на претходниот тренинг и е неизвесен. Од друга страна, Трајковски делува мотивиран и подготвен да биде во функција на тимот. Тие имаат што да понудат и да помогнат на репрезентацијата како и во минатото“, заврши селекторот.
Македонија вечерва од 19.30 часот ќе тренира на терените на ФФМ, а утревечер во 20.45 часот ќе го одигра мечот на Националната арена „Тодор Проески“, со почеток во 20:45 часот.