Македонија утре ќе биде домаќин на Азербејџан во вториот ноемвриски тест. Селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференцијата порача дека добар резултат ќе значи повисока самодоверба меѓу репрезентативците, во пресрет на евро-квалификациите кои започнуваат во март.
„За жал Миовски нема да биде во составот. Исто така го ослободив и Алиоски поради приватни причини. Се надевам дека сè ќе биде во ред со сите по денешниот тренинг. Јас мислам секогаш дека ќе победиме. Правиме сè за секој меч да го добиеме. Нема ништо да биде поразлично за утре. Очекувам да го реализираме тоа што го правиме на теренот. Тие прилики и шанси за гол ќе ги реализираме, за победа која ќе ни даде самодоверба за она што нè очекува во 2023 година. Сериозно и максимално се подготвуваме. Јас инсистирав на ваков вид противници за овие натпревари. Тие ќе нè подготват за она што следи во март. Приморани сме да правиме некои измени за овој дуел, сите кои се тука ќе добијат шанса“ , изјави Милевски.
Дуелот во Скопје го најави и стрелецот на единствениот погодок против Финска и еден од капитените на нашата репрезентација, Енис Барди.
„Фаворит во денешниот фудбал нема. Наша работа е да влегуваме во натпреварите како што се договараме. Анализиравме што се случи на претходната средба, тие мали грешки ќе ги поправиме. Ќе излеземе на терен со надеж за позитивен резултат. Противникот е силен, игра агресивно и физички е добро подготвен. Ќе анализираме каде можеме да ги нападнеме. Сакаме добро да ја завршиме оваа година“.
Гостите од Азербејџан се во добра победничка серија, но ние посакуваме Македонија да ја заврши оваа календарска година со победа пред своите навивачи.