Селекторот на нашата фудбалска репрезентација, Благија Милевски, на официјалната прес-конференција пред утрешниот меч со Белгија најави дека очекува позитивен исход.
„Секако дека анализите се направени. Не треба да се зборува за Белгија и за нејзиниот квалитет. Тоа се играчи и тим кој со години наназад се во врвот на Европа. Но, Македонија го давала својот максимум и против вака силни екипи и не гледам причина зошто тоа да не биде така и утре. Секако дека овој јунски период години наназад ни е проблематичен. Напоменав дека тој јунски менталитет мора да го смениме и тимски и индивидуално. Последните неколку дена гледам нешто што ми дава надеж дека овој јуни ќе биде поинаков. Мотивација не ни недостига, иако имаме проблеми со повредите на Серафимов, Ќамили и Велковски. Неизвесни се Алими и Димоски. Несомнено дека индивидуалниот квалитет на Белгија е на највисоко ниво, но нашата најсилна страна е тимот, тимската игра и тимскиот дух. Само како тим можеме да напраивме нешто“, вели Милевски.
Капитенот Енис Барди исто така истакна дека само како тим може да очекуваме успех.
„Знаеме што значи да се игра дома. Мора да покажеме дека кај нас дома е многу тешко да не победат. Сме одиграле добро и сме имале позитивни резултати против силни селекции дома. Максимумот се подразбира. Мора секој од нас да го знае тоа и да биде 100% во мечот утре. На хартија секогаш ќе има фаворити, но на терен не смееме да дозволиме никој да не изненади. За да направиш нешто мора да веруваш во тоа. Сите мора тоа да го направиме. На домашен терен не смееме лесно да се предадеме. Напротив. Домашниот терен мора да ни е најсилно оружје. Секако, само како тим може нешто да направиме“, дополни Барди.

