Фудбалската репрезентација на Македонија денеска во Прага ја одржа и редовната прес-конференција во пресрет на утрешниот дуел со Украина. Селекторот Благоја Милевски ги искажа своите очекувања од дуелот кој е важен и за двете селекции.
„Не е потребно да се трошат зборови за квалитетот на Украина. Има играчи кои играат во топ клубовите. Од друга страна, Македонија многу пати покажа дека може да е конкурентна и со такви ривали. Ме радува нашата форма од септември и се надевам ќе ја задржиме. Утрешниот натпревар ќе биде различен од тој во Скопје. Доаѓаме во фаза двете селекции да се борат за втората позиција и само победа би ни одговарала на двете репрезентации. Очекувам отворен натпревар со допадлив фудбал“, изјави Милевски.
Македонија и Украина ќе се судрат на „Епет Арена“, стадионот на кој настапува Спарта Прага. Натпреварот е закажан за в сабота во пладневниот термин од 15:00 часот.

