Младата фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година, денеска фи започна тренинзите и подготовките за претстојните два дуела во квалификациите за европското првенство.
Веќе во четврток во Скопје, нашите надежи ќе ги пречекаат врсниците од Шпанија кои важат за фаворити, но селекторот Благоја Милевски верува во своите избраници.
„Најважно е сите играчите да бидат здрави, сето она што е потребно за дуелот со Шпанија ќе го договориме во од. Што се однесува до самиот меч, по промената на системот на натпреварување, и кој и како ќе се квалификува на Европското првенство, не ни останува ништо друго освен на овие квалификации да одиме на победи, и да собираме што повеќе бодови. Момците покажаа дека имаат квалитет и потенцијал да се спротистават на можеби најдобрата репрезентација во Европа, тоа ми дава право да бидам оптимист за овој натпревар. Некои сегменти треба да се поправат, и се надевам на оваа средба ќе одиграме онака како што планираме, согласност со потенцијалот со кој располагаме“, вели Милевски.
Дуелот против Шпанија нашите младинци ќе го играат на Национална арена „Тодор Проески“ (почеток 18:45 часот), а потоа на 8 септември ќе и гостуваат на селекцијата на Фарските Острови.
