Голманот Никола Митревски беше еден од творците на пресвртот во кој неговата екипа успеа да дојде до голем триумф против Гумерсбах и да ги задржи шансите за пласман во следната фаза.
Искусниот македонски голман не го криеше задоволството од големата победа над еден од најдобрите германски клубови.
„Прекрасно, уживање беше да се игра ваков натпревар, пред ваква публика. Голема благодарност за сите присутни, особено до навивачката група „Чкембари“ која нè бодреше од почеток до крај. Денес успеавме да се кренеме, имавме шанси и во првото полувреме, но во второто одигравме како што сакаме и како што знаеме. Честитки за противникот за фер и коректниот натпревар, а исто така честитки и за моите соиграчи. Беше вистинско уживање на ваков начин да се победи еден бундеслигаш“, рече Митревски по победата во Битола.

