Српскиот фудбалски струњак Младен Крстајиќ е новиот селектор на Бугарија. Тоа на официјална прес-конференција по состанокот на Извршниот комитет го соопшти претседателот на БФС Борислав Михаилов.
Договорот на Крстајиќ е на 2 години, а во неговиот стручен штаб се помошниците Стефан Јанковиќ, Немања Милинчиќ, Иван Иванов, како и тренерот на голманите Дарко Бојовиќ.
„Нашата работа е таква што понекогаш работиме во клуб или репрезентација. Откако направивме добри резултати во Тел Авив, добивме многу понуди. По разговорите со Борислав Михаилов, решивме да ја прифатиме оваа понуда. Бугарија е земја со многу спортски успеси. Има многу талентирани млади луѓе и тоа исто така влијаеше за да се согласиме да дојдеме овде“, изјавил новиот селектор на Бугарија.
„Во Лигата на нации има уште два натпревари. Ќе сакаме да постигнеме подобри резултати и да останеме во групата. Во контролните натпревари ќе процениме на кои играчи може да сметаме во иднина. Очекувањата се многу големи, но немам волшебно стапче. Ќе работиме да направиме се што е можно за да го направиме тимот посилен. Ако јас како Србин сум поголем патриот од бугарските фудбалери, тоа не е добро. Атмосферата не е добра, ќе треба да најдеме начин како да ги поправиме работите“, заврши Младен Крстајиќ при своето преставување.