Македонската репрезентација за играи до 21 година денеска во Подгорица (17 часот) ќе го одигра натпреварот против Црна Гора, кој за нас е втор од квалификациите за Европското првенство 2021 година. По убедливиот триумф од 7:1 против Фарски Острови од отворањето на квалификацискиот циклус, нашата репрезентација се надева дека победничката низа ќе продолжи и по натпреварот на „ДГ“ арената во главниот град на Црна Гора.
Капитенот Јани Атанасов пред средбата порача дека оваа селекција има карактер и тоа треба да го покаже на денешниот дуел.
„Би било идеално доколку со победа на гостински терен ги продолжиме квалификациите и ќе дадеме сѐ од себе тоа да го постигнеме. Треба да покажеме карактер и да го искористиме секој момент што како шанса ќе ни се укаже. Црна Гора е квалитетна репрезентација, доволно се познаваме, јасно ни е дека на домашен со ниту една селекција не е лесно, но ние имаме цел да победиме и се надевам дека тимски во тоа и ќе успееме“, изјави Јани Атанасов.