Фудбалерот, Лука Модриќ, кој отворено најави дека сака да си замине од редовите на Реал Мадрид, има реална шанса да заигра во екипата на Милан, објавија медиумите на „Чизмата“.
Тие повикувајќи се на извори блиски до „росонерите“, објавија дека агентот на Модриќ имал средба со Звонимир Бобан на која биле договорени сите детали. Наводно, Хрватот треба да потпише договор за две сезони со годишна плата од 7,5 милиони евра, плус бонуси ако клубот обезбеди место во Лигата на шампионите.
Во целата приказна влегува и најавата дека „кралевите“ упорно работат на ангажман на играчот на Ајакс, Дони Ван Бек, кој би бил одлична замена за Модриќ доколку плајмејкерот замине во Милан за 40 милиони евра.