Предводникот на хрватската репрезентација Лука Модриќ го утеши својот соиграч од Реал Мадрид – Родриго. Модриќ верува дека Бразилецот ќе биде посилен по неговото клучно промашување на пенал во четвртфиналната пресметка на Хрватска со Бразил на Светското првенство во Катар.
Родриго беше еден од двајцата играчи кои промашија, заедно со Маркињос, а Бразил загуби со 2:4 на пенали. Модриќ знае како се чувствува неговиот 21-годишен соиграч од Реал Мадрид. Хрватскиот маестро од средниот ред беше само една година постар кога промаши пенал во поразот на Хрватска од Турција во четвртфиналето на ЕП 2008 година.
„Сигурен сум дека ќе стекне повеќе искуство и сила за да продолжи. Го охрабрив. Многу добро се согласувам со него и штета е што промаши“, изјави Модриќ на новинарите по натпреварот.
Модриќ го пофали карактерот на соиграчите. „Секако, никој не очекуваше пред Светското првенство дека можеме да стигнеме до тука. Важно е дека постои доверба меѓу нас и повторно имаме вистински тим со многу добри млади играчи кои дојдоа. Ваква победа сигурен сум дека дава поголема самодоверба за тоа што следува. Покажавме уште еднаш дека никогаш не се откажуваме. Нашата верба е огромна“, прокоментира Модриќ.