Откако беше пречекан на Аеродромот во Скопје, нашиот олимписки херој Дејан Георгиевски беше примен од првиот човек на Агенцијата за Млади и Спорт (АМС), Наумче Мојсовски кој уште еднаш му го честиташе големиот успех на освојувачот на среброто во Токио.
„Особено ми е драго што го имам нашиот олимпиец Дејан Георгиевски кој во Скопје од Токио притсигна со сребро, ама вредно како злато. Дејан беше истраен, концентириран, посветен и храбар, со голема почит кон противниците. Во само неколку часа ги совлада и фаворитите на овогодинешните ЛОИ кои се неколкукратни победници. Чест ми е што Република Македонија во Токио имаше спортска делегација која беше мотивирана и навистина даде се од себе. Сакам да ги поздравам сите македонски претсавници на ЛОИ во Токио и на сите да им посакам успешни настапи и кариери. Спортот конечно добива свое место и внимание. Знам дека има уште многу да се работи, но уверен сум дека посветени ќе работиме на развој на развој на спортот и за подобри услови за нашите спортисти кои покажаа дека се најдобрите амбасадори на државата. На ЛОИ се вееше македонското знаме, Дејан го видовме со каква почит и мотивација ги бранеше боите на нашата земја за сите нас да не направи горди. Во оваа прилика сакам во име на АМС да му посакам многу успеси и медали“, изјави Мојсовски.
На крајот директорот Наумче Мојсовски му даде подарок, фотографија на која е Дејан Георгиевски со освоениот медал.