Македонскиот олимписки комитет денеска оствари работна средба со висока делегација на Светската е-спорт федерација (IESF), предводена од претседателот Влад Маринеску.
Генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев, потсети дека е-спортот во државава е признат од 2022 година а институционалната поддршка дополнително е потврдена со формирање на посебна комисија во рамки на Олимпискиот Комитет.

„За нас како Македонски олимписки комитет ова е исклучително значајна средба со претседателот Маринеску а особено нè радува што во структурите на една ваква глобална организација се и Македонците Бобан Тотовски и Игор Недевски. МОК силно го поддржува е-спортот“ – изјави Тасев.

