Европската Клупска Асоцијација (ЕКА) и ФК Работнички оваа недела за првпат организираа состанок со клубовите од Прва МФЛ и претставници на ФФМ. На состанокот одржан во Скопје претставниците од Управниот одбор и администрацијата на ЕКА, на претставниците на македонските клубови им беа презентирани сите информации околу начинот и функционирањето на оваа асоцијација во која членуваат повеќе од 500 клубови во Европа.
Генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев во гостувањето на Спортското радио 90.3 фм зборуваше за состанокот во Скопје, но и за заложбата за што поголема вклученост на нашите тимови во ЕКА.
„ЕКА потенцираше дека во оваа органзиација има место за сите. Тенденцијата на ЕКА е еднаквост на сите клубови. Политиката е сите да имаат свои шанси и свое место во европскиот фудбал. Мојата идеја како член на работните групи на ЕКА е да ги инволвираме нашите клубови во работата и да бидеме еден вид на креатори на таа европска фудбалска политика. Влијанието на ЕКА со УЕФА и ФИФА дава голем простор за раст на оваа организација. Целта е да ги доближиме македонските клубови до начинот на функционирање на ЕКА. Освен Работнички, Вардар и Шкендија во организацијата да се вклучат сите клубови, секако во зависност од нивоата во организација на ЕКА“, вели Монев.
Со него разговаравме и за реорганизацијата на Лигата на шампионите од следната сезона, за новите идеи и планови на ЕКА и можноста за што поголема присутност на нашите фудбалски клубови во Европа.
Комплетниот разговор можете да го проследите и на следниот ЛИНК.

