Претседателот на Кралската шпанска фудбалска федерација Луис Рубиалес ќе се обиде радикално да го промени натпреварувањето во Кралскиот куп, пишува весникот „АС“.
Првиот човек на шпанскиот фудбал подготви нов формат за ова натпреварување и ќе го предложи на следното Генерално собрание. Идејата на Рубиалес е во раната фаза (до 1/4 финале) се играат само по еден елиминациски натпревар, а не како сега по два. Тој мора да ги убеди тимовите од „Ла Лига“ дека натпреварите ќе се играат на теренот на екипата која е послабо рангирана, односно е од понизок ранг на натпреварување.
Главната промена што Рубиалес ќе ја понуди е во создавањето на Фајнл 4. Претседателот на федерацијата смета дека ова натпреварување ќе биде многу поатрактивен ако, од 1/2 финалната фаза натпреварите се играат во еден град каде што за една недела ќе биде одреден победникот. За оваа цел, домаќин на завршните натпревари може да биде град кој има два големи стадиони. Така, опциите се Мадрид, Барселона, Севиља и Валенсија. Новиот формат може да влезе во примена на почетокот од следната сезона.