Жозе Мурињо потврди дека му рекол на еден од неговите играчи во Рома да го напушти клубот поради „непрофесионален однос“. Мурињо на една од своите најбрутални прес-конференции до сега го потврди она за што веќе пишуваат медиумите.
Мурињо не беше расположен синоќа откако неговиот тим одигра само 1:1 против Сасуоло во новото коло од Серија А. По последниот судиски свиреж, бесниот Мурињо не се воздржа во оценката за перформансите на неговата екипа. Всушност, 59-годишниот стретег рече дека еден неименуван играч ги „издал“ своите соиграчи со својот став пред да му каже на тој играч да го напушти клубот во јануари.
„Жал ми е што напорите на тимот беа предадени од ставот на еден непрофесионален играч. Непрофесионалниот однос не е фер кон неговите соиграчи, тоа е она што ме разочарува. Бод на гости се уште не е негативен резултат и јас сум среќен со генералниот однос на мојот тим“, вели „специјалниот“.
Мурињо одби да го идентификува играчот, но се погрижи да нагласи колку е разочаран.
„Нема да ви кажам кој е тој. Имав 16 играчи на теренот вечерва и ми се допадна ставот на 15 од нив. Во јануари тој едниот ќе мора да си бара друг клуб“. Ж
Според „Кориере дело Спорт“, Мурињо најверојатно е во војна со холандскиот бек Рик Карсдорп.