Ливерпул вечерва е домаќин на Рома во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите. Двата тима дојдоа во оваа фаза како мало изненадување, со оглед на тоа што Рома успеа да направи сензација со елиминацијата на Барселона, а Ливерпул го стопираше најдобриот тим во Англија оваа сезона, Манчестер Сити.
Дуелот на Енфилд е реприза на финалето на Купот на европските шампиони од 1984 година, кога англискиот тим ги порази Римјаните по подобро изведување пенали. 34 години подоцна, Рома ќе се обиде да се одмазди за овој пораз.
На хартија, Ливерпул е фаворит во првиот натпревар, како и воопшто во оваа полуфинална пресметка. Вниманието на сите и на овој натпревар ќе биде фокусирано на Египќанецот Мохамед Салах, кој две сезони играше во Рома, а во моментов пишува историја со екипата на Ливерпул. Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп за овој меч не може да смета на повредените Жоел Матип, Емре Џан, Адам Лалана и Натаниел Клајн. Неговиот колега, Еузебио ди Франческо, нема таква грижа и е оптимист во врска со претстојниот судир. Судија на дуелот ќе биде Феликс Брих од Германија.