Денеска ќе биде извлечена ждрепката за четвртфиналето и полуфиналето во Лигата на шампионите. Во седиштето на УЕФА во Нион точно на пладне, осумте преостанати учесници ќе дознаат каков ќе биде нивниот пат до финалето на „Стад де Франс“ во Париз на 28 мај.
Пред два дена ги добивме и последните две екипи кои се пласираа во четвртфиналето, Виљареал и Челзи, кои им се приклучија на Атлетико Мадрид, Баерн (М), Бенфика, Ливерпул, Манчестер Сити и Реал Мадрид кои претходно си ја завршија работата.
Денешната ждрепка ќе биде целосно отворена и секој може да добие ривал од преостанатите кои стигнаа до оваа рунда. Натпреварите од ¼-финалето се закажани за 5/6 април и 12/13 април, додека полуфиналето ќе се игра на 26/27 април и 3/4 мај.