Инвазија на пчели го прекина мечот меѓу Александар Зверев и Карлос Алкараз синоќа на Мастерсот во Индијан Велс речиси 2 часа. Тоа се случи на почетокот на третиот гејм.
Алкараз сервираше кога одеднаш цел рој пчели го опколија Шпанецот. Отпрвин само чекаше да се растераат, но откако пчелите доаѓаа се повеќе, Шпанецот истрча до столчето, а набргу потоа се упати директно кон соблекувалните. Го следеше и Зверев, а судијата им соопшти на гледачите дека натпреварот е прекинат поради наезда на пчелите.
Организаторите повикале пчелар, кој се појави на теренот околу еден час подоцна. Во исто време, агентот на Алкараз, Алберт Молина, објави дека Карлитос добил неколку убоди во челото.
Пчеларот Ленс Дејвис со спреј ги испрска површините каде што се уште имаше пчели, но Алкараз не сакаше да се врати во игра поради пчелите кои сè уште летаа, иако многу помалку. Сепак, по загревањето, Карлитос се согласи да ја продолжи средбата, а на крајот и да слави со 6-3, 6-1 и да избори пласман во полуфиналето.

