Трофејот кој го добива најдобрата фудбалска репрезентација на Светското првенство пристигна во Скопје. Истиот овој пехар во декември оваа година ќе заврши во рацете на најдобрата светска селекција, а денес беше претставен пред македонската јавност.

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски и бразилската фудбалска легенда Жилберто Силва го открија златниот пехар на ФИФА, кој е наменет за победникот на Светското првенство кое што ќе се одржува во Катар на крајот на оваа година.

Скопје и Македонија за првпат се дел од турнејата низ светот преку која највредниот пехар поминува низ голем дел од земјите во целиот свет. Ова е петта турнеја откако „Кока Кола“ е еден од главните спонзори на најголемиот фудбалски собир.

