Македонскиот фудбалски интернационалец и репрезентативец Елиф Елмас нема да ја менува средината во следните неколку години.
Елмас одлично се снајде во Наполи, а со неговите настапи го натера раководството на клубот да размислува на него како иднина на клубот. Вчера медиумите во Италија објавија дека Елмас ќе добие понуда за нов договор, а денес таа информација била потврдена и од спортскиот директор, Кристијано Џунтоли. Тој за италијанските медиуми изјави дека клубот почнува да работи на продолжување на договорите со неколку фудбалери, на листа се најде и Елиф Елмас, на кого му е понудена нова соработка, до 2025 година.
„Во овој момент клубот работи на продолжување на договорите со Елмас, Зиелински, Максимовиќ, Марио Руи и Ди Лоренцо. Очекуваме овие преговори да завршат брзо“, изјави Џунтоли.
Елмас вчера настапи на средбата со Џенова која ја доби неговата екипа со 2:1, а Елмас постигна гол во 7-та минута кој за жал беше поништен поради претходно играње со рака на еден од играчите на Наполи.