Францускиот дефанзивец на Барселона, Клемент Ленгле, летово би можел да се пресели во италијански Наполи, пренесува „Фудбал Шпанија“.
Според изворот, каталонскиот клуб одамна го ставил 28-годишниот фудбалер на списокот за продажба во летниот преоден рок и не смета на него во новата сезона. Барселона се надева дека ќе заработи малку од продажбата на него, како и ќе го растовари платниот список. Така Ленгле ќе мора да го промени клубот – за Французинот веќе пројави интерес од англискиот Тотенхем и неколку саудиски клубови. Последен во трката за играчот влезе Наполи, кој бара замена за Ким Мин Џеј, кој замина во Баерн. Барселона ќе бара околу 15 милиони евра за Ленгле, што не е проблем за италијанскиот клуб. Единствениот комплициран момент е високата плата на Французинот.
Ленгле минатата сезона играше за Тотенхем како позајмен играч. Францускиот дефанзивец имаше 35 натпревари во сите натпреварувања, на кои постигна еден гол и две асистенции.

