На две кола пред крајот на циклусот квалификации за пласман на Мундијалот во Катар следната година, Македонија денеска гостува во Ереван каде против селекцијата на Ерменија ќе се обидеме да ги задржиме шансите за пласман на второто место во групата кое води во баражот. Иако Романците се во пол-позиција, ние не ги губиме надежите и со една добра партија попладнево во Ереван, се останува во игра.
Избраниците на Благоја Милевски денеска ќе бидат без неколку стандардни првотимци како Аријан Адеми и „пожолтениот“ Стефан Ристовски, но и без нив ќе се обидеме да дојдеме до добар резултат. Теренот во Ереван секогаш бил „жежок“, а билансот против Ерменците на гости не ни е сјаен. Имаме само една победа на пет тамошни гостувања. Згора на тоа, Ерменија славеше на сите три последни пресметки како домаќин против Македонија.
Средбата на стадионот „Република“ стартува од 18 часот.