Факултетот за физичко образование, спорт и здравје е во фаза на реконструкција на комплетните спортски капацитети во кампусот на факултетот. Деканот професор д-р Влатко Неделковски, во интервју за Спортското радио 90.3 фм најави дека комплетната реконструкција на четирите сали со кои располага факултетот заедно со Средното фискултурно училиште и Спортската академија, е во завршна фаза, а наскоро ќе се заврши и изградбата и реконструкцијата на дел од отворените терени.
„Во овој период од октомври до сега, откако сум на позицијата Декан, успеавме да завршиме добар дел од планираните активности на краток рок. Имаме и дел од плановите на среден и на долг рок кои допрва не очекуваат. На краткорочен план можеме да зборуваме за оплеменување, а некаде и целосно реконструрирање на постоечката инфраструктира. Имаме четири спортски сали, заедно со Средното фискултурно училиште и Спортската академија кои се наши соседи, но и партнери, од каде го влечеме и потенцијалот за новите студенти. Сите овие капацитети се во голем дел веќе реконструирани со помош на Министерството за образование и со сопствени средства и дел средства на ректоратот на УКИМ. Во наредните месеци сите четири сали ќе бидат ставени во функција за студентите и учениците. Поставени се нови подлоги, ново осветлување, нови соблекувални, нови кровови, нови фасади, така што во овој краткорочен период овие постоечки инфраструктирни капацитети ќе бидат комплетно завршени и ставени на располагање“, вели Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Неделковски, во интервјуто за Спортско радио 90.3 фм, кое комплетно, можете да го проследите на следниот ЛИНК.

