Фудбалската репрезентација на Македонија се подготвува за натпреварот со Италија во рамките на квалификациите за Европското првенство. Дуелот во Скопје ќе биде прва меѓусебна пресметка во овој циклус на двете селекции.
Во пресрет на натпреварот зборуваше играчот кој веројатно најдобро ги познава условите во италијанскиот фудбал, Илија Несторовски.
„Се подготвуваме за натпреварот против одличен ривал. Фокусирани сме на себе, да се припремиме физички најдобро што е можно. Видовме дека можеме да играме со сите, освен веројатно со Англија. Сега фокусот е на Италијанците, а нашата цел се три бода. Со Спалети тимот добива нов систем, ќе игра 4-3-3, сите фудбалери ќе бидат мотивирани за докажување. Италија е силна, играчите играат во големи клубови. Го освоија Европското првенство, а потоа поради нас не се пласираа на Мндијалот, но силни се. Во плеј-офот, јас бев повреден, ама се слушав со моите соиграчи и тие беа пресреќни. Сепак, знаеме дека сега нè очекува поинаков натпревар“ истакна Несторовски.
Македонија и Италија в сабота во терминот од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го одиграат овој натпревар од квалификациите за ЕП 2024 година.