Францускиот Лил реши да не ја активира опцијата за обновување на договорот со 32-годишниот играч од средниот ред, Николас Гаитан, пренесува „Л’Екип“.
Причината за оваа одлука е финансиската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Гаитан е еден од најплатените играчи на клубот, без да одигра еден целосен натпревар за Лил. Аргентинецот влезе 4 пати како замена, одигра вкупно 50 минути и не одигра ништо значајно во тие минути. Веќе на 1 јули, Николас Гаитан ќе стане слободен агент.
Тој потекнува од Бока Јуниорс, а во кариерата има настапувано за Бенфика, Атлетико Мадрид, во Кина за екипата на Далиан и во САД за Чикаго.
Севкупно, Гаитан има одиграно 441 натпревар во текот на неговата кариера, во кој постигна 64 голови и 124 асистенции. Неговата трансферна вредност е проценета на 3,2 милиони евра. Во зимскиот преоден рок за фудбалерот имаше интерес од неколку клубови во англиската Премиер лига, поточно Вест Хем Јунајтед, Астон Вила и Шефилд Јунајтед.