Новак Ѓоковиќ се уште ја чека конечната одлука дали ќе биде депортиран од Австралија по одлуката на локалните власти да не му дозволат влез во земјата и откако му беше укината визата. Затоа неговото семејство денеска организираше прес-конференција на која зборуваше за случувањата во Мелбурн.
„Новак Ѓоковиќ не прекрши никаков закон, никакво правило поставено од Австралија. Еден месец комуницираше преку Австралиската тениска асоцијација и заедно дојдоа до медицински исклучок за влез во Австралија. Имаше ист документ како неколку тенисери кои се веќе во Австралија“ , рече Ѓорѓе, братот на Новак.
„Тоа што му се случи на Новак може да се нарече малтретирање, тоа е дипломатски скандал против најголемиот спортист на сите времиња и српски дипломат. Тој беше испрашуван со часови, а контактот со светот нагло му беше прекинат бидејќи телефонот му беше одземен. Подоцна е префрлен во друга просторија за изолација која е во притвор на аеродромот во Мелбурн!“
Многумина и на социјалните мрежи му даваат поддршка на светскиот рекет бр. 1, а одлуката на австралиските власти ја сметаат за политичка.

