Пјер-Емерик Обамејанг е на вистински крстопат во својата фудбалска кариера. Напаѓачот на Арсенал сè уште не знае дали ќе го продолжи договорот со клубот од Северен Лондон, кој истекува во летото 2021 година.
Репрезентативецот на Габон има 61 погодок на 97 одиграни натпревари за „Топџиите“ по неговиот трансфер од Борусија (Дортмунд) во 2018 година.
„Сè уште не сум добил конкретна понуда, но разговарав со клубот пред неколку месеци. Тие знаат дека сè уште не сум одлучил“, рече 31-годишниот голгетер.
„Клучот е во нив и зависи од нив. Ќе видиме што точно ќе се случи. Ова е пресврт во мојата кариера. Сакам да бидам искрен со сите. Одлуката дефинитивно ќе биде исклучително тешка”, додаде Обамајанг.
Во среда, Арсенал ќе му гостува на шампионот од 2019 година Манчестер Сити во заостанатиот натпревар од Премиер лигата. Англиското првенство беше прекинато во март поради пандемијата „Ковид-19“, а продолжува во среда.