Еден од најдобрите светски голмани, Словенецот Јан Облак, по синоќешниот пораз во Скопје, вели дека одиграле очајно и сосема заслужено загубија од Македонија.
„Излезе дека не бевме на ниво денеска. Не направивме ништо од тоа што требаше да го направиме. Загубивме, за жал, ама не ни заслуживме ништо повеќе од ова. Не заслуживме бод. Треба да ги кренеме главите горе, да се надеваме дека в сабота ќе бидеме подобри и да го дочекаме тој меч. Не смееме да бидеме како на овој дуел, каде што не направивме ништо. Игравме без памет, безглаво, напаѓавме безглаво… А требаше да се смириме, да застанеме на топка, полека да се движиме напред. Примивме два гола зашто се отворивме, а тоа беше беспотребно“, смета голманот на Атлетико (М).