Машката одбојкарска репрезентација на Македонија попладнево во софиската арена „8888“ го почнува својот четврти настап на Европските првенства. Во првиот меч на шампионатот Македонија за противни го има светскиот вицешампион Бугарија.
„Ги одработивме последните два официјални тренинзи и се наоѓаме непосредно пред натпреварот со еден од фаворитите во оваа наша група, за која знаеме дека е една од најтешките групи на ова Европско првенство. Се сретнаме во хотелот со сите, мислам, европската и светската елита на овој наш спорт. Импресиите се позитивни. Мислам дека сите живееме за ова Европско првенство, за првите впечатоци кои ќе ги доживееме на спектакуларното отварање, затоа што на натпреварот со Бугарија не очекува една неверојатна атмосфера, полна сала од 12.000-13.000 гледачи. Каде ги гледаме шансите? За нас ќе биде голема сатисфакција, ако ја одиграме нашата најдобра игра, а со најдобра игра се разбира, очекуваме и позитивен резултат. Позитивен резултат за нас би било освојување на некој сет или сетови со тесни поени, што нема да биде лесно, затоа што реков дека се работи за светскиот вицешампион, кој игра на домашен терен, пред својата публика. Се надевам дека атмосферата ќе не понесе и нас и најважно е да играме како што знаеме, да не се оптоваруваме со името на противникот, противничките играчи и така дека со ладни глави да влеземе во натпреварот“, вели селекторот на нашата репрезентација, Јошко Миленкоски.
Средбата почнува од 18 часот. Македонија на ова ЕП е во група со Бугарија, Украина, Полска, Португалија и Израел.

