Македонската одбојкарска репрезентација ја заврши својата епизода на ЕП во Финска. По петте порази во групната фаза, одбојкарите се на пат за дома. Останува впечатокот дека не го покажавме нашиот максимум и дека нешто не функционираше како што треба.
„Длабоките анлизите претстојат, сега само можеме да зборуваме за првични импресии. Јасно е дека треба да почнеме да работиме на создавање услови за да можеме да бидеме натпреварувачки порамноправни на наредното европско првенство на коешто ќе ја имаме улогата на коорганизатор“, вели претседателот на ОФМ, Петар Јовановски.
Фактот што македонските одбојкари третпат по ред ќе играат на континенталните собири не е само чест, туку и обврска. Тоа значи дека максимално треба да се извлече поука од досегашните настапи.