Македонската одбојкарска репрезентација во понеделник заминува за Софија каде на 9 септември и официјално ќе го започне своето четврто учество на завршниците на Европските првенства. Селекторот Јошко Миленкоски, капитенот Никола Ѓоргиев, искусниот Владо Милев и дебитантот Филип Јованов, заедно со раководството на Одбојкарската федерација на Македонија денеска на прес-конференција ги истакнаа своите очекувања од настапот на континетналниот собир во Бугарија.
„Ова е манифестација најголема во нашиот спорт во моментов каде што ќе продефилират најдобрите светски одбојкари, а репрезентациите се од самиот светски врв. Само да потсетам дека Полска, Бугарија и Украина се моментално меѓу првите 10 рангирани репрезентации на светската листа. Португалија и Израел се добро познати противници против кои сме играле, особено против Израел, но и тие се исто така од самиот врв на европската одбојка. На сите им е јасно дека играме во најтешката група на ова Европско првенство, меѓутоа во рамките на овие подготвки добро се подготвивме за добро представување на Европско првенство. Меѓутоа, искрени да бидеме и ние самите сме свестни дека првите три натпревари против Бугарија, Украина и Полска ќе ни бидат, можеби, подготвителни натпревари за она што следи – најважните натпревари против Португалија и Израел. Секако дека и против првите три ривали ние нема да се откажеме, ќе ја играме нашата најдобра игра, и достојно ќе ја преставиме нашата земја“, вели селекторот Миленкоски.
Првиот човек на македонската одбојка, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, ја повика јавноста во што поголем број да дојде во Софија и да навива на натпреварите на македонските одбојкари.
„За нас четврто европско првенство, не е тоа наш успех и наш резултат, сепак е успех на целата држава и целата нација. Четвртипат македонската репрезентација настапува на Европско првенство, повторно сме во друштво на најдобрите, што е континутет кој трае веќе 8-10 години. Овој пат, групата во која се натпреваруваме е навистина силна, меѓутоа, и ние сме силни, затоа сме присутни на овоа Европско првенство. Дојдете да навиваме во Софија, дојдете во што поголем број, да покажеме колку сме на број“, вели Јовановски.
Македонските репрезентативци не криеја дека со ладни глави влегуваат во четвртиот настап на континенталниот собир. Искуството кое оваа генерација со многу мали промени го носи со себе и на овој шампионат, треба да биде наша предност, но и обврска да се даде максимумот и против најсилните селекции во „групата на смртта“.
„Навистина сме во една многу тешка група. Меѓутоа никој не може да ни го одземе правото да сонуваме, на теренот сме сите 6 на 6, со либеро 7 на 7. Моменталните резултати на Бугарија, Украјна, Полска, навестуваат дека тие се огромни фаворити против нас, меѓутоа, ако ги прашате и Португалија и Израел, тие веќе имаат запишано победата против нас, така што, ќе биде интересно. Мислам дека ние треба да бидеме многу внимателни со нашата игра, да ја подобриме од нашите од Европската лига и мислам дека многу спремни доаѓаме на ова Европско прајенство. Мораме да бидеме ние како играчи постарите, мудри, да не не понесеме еуфоријата, да не не понесат емоциите, особено на оние одлучувачки натпревари. Искрено, ова за нас претставува еден вид на настап како на Олимписки игри. Мможам да ветам дека ќе изгинеме за секоја топка и со Господ напред се надевам дека ќе израдуваме македонската јавност“, вели капитенот Ѓоргиев.
Искусниот Владо Милев кому ова ќе му биде последен настап во нациоанлниот тим додаде:
„Четврто европско за нас. Мислам дека имаме доволно искуство на вакви натпреварувања. Противниците се, како што повеќето спомнаваме, од највисок ранг, но тоа не значи дека немаме играње против такви противници. Наше е да го дадеме максимумот и, како што знаете, тоа е спортот. Нема лесен и тежок противник“.
Младоста во националниот тим полека треба да го презема и стартниот тим. Новото либеро во националниот тим Филип Јованов се надева на добро преставување.
„Искрено, чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од едно такво големо натпреварување. Особено заради тоа што претходите три првенства ги следев на малите екрани. Свесни сме какви противници имаме, но и свесни сме дека и ние сме спремни да го дадеме нашиот максимум. Ќе се бориме за секој сет, секој поен, секој натпревар“.

