Македонските одбојкари денеска го имаа официјалниот старт на подготовките пред новото „европско лето“. Под водство на новиот селектор Хари Наковски, нашиот сениорски тим во Струмица ќе ја помине првата фаза од подготовките за „Златната лига 2024“ и потоа квалификациите за Европското првенство 2026.
За разлика од минатата година, националниот состав има променета физиономија, со нов селектор, Хари Наковски, без најискусниот техничар, Филип Деспотовски, со двајца дебитанти, Михајло Мирасчиев и Кристијан Илиев, и со неколкумина помлади играчи коишто ќе добијат поголема шанса.
Селекторот Наковски смета на 15-мина одбојкари, кои денеска сите пристигнаа на собирот во Струмица. Од стандардните, Александар Љафтов нема да биде со репрезентацијата во првиот сегмент, односно ќе се приклучи на средина на јули кога ќе почнат трензините за евроквалификациите.