Одбојкарската федерација го одржа последниот прес пред заминувањето на Европското првенство во Словенија. Оптимисти и со кренати глави, одбојкарите најавуваат позитивни вести и од континенталниот собир.
„Горди сме на успехот на нашите одбојкари и се надеваме дека оваа наша поддршка ќе им даде дополнителен мотив за успешно презентирање на македонската одбојка на првиот настап на ЕП. Веруваме дека целата јавност ќе се радува на нови успеси“, изјави Радош Вукиќевиќ, генерален директор на „Тиквеш“, кој е еден од новите спонзори на нашите одбојкари.
Капитенот на македонската репрезентација, Никола Ѓорѓиев, пред заминувањето во Словенија вели дека дури сега следува она вистинското.
„Малку бев скептик, бидејќи од 9 јануари немавме официјален натпревар, но по она што го видов против Бугарија и Украина сме на вистински пат. Имавме многу повреди, првпат во кариерата на собир со толку проблеми, веќе 4-5 дена сме комплетни и се надевам дека здравјето ќе не послужи и ќе одиме со чисти глави во првиот меч. Имаме голема шанса за оваа генерација, во пет години петпати сме на Ф4 во Европската лига, шансите ќе ги бараме против Финска, Белорусија и Турција, одлична генерација и клупа и ветувам дека од Словенија ќе може да очекувате многу добри вести“, изјави Ѓорѓиев.